јануари 30, 2015

Охрид, 30. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Општинската организација на ЛДП од Охрид  и член на Советот на општина Охрид  Дејан Блажески, денеска на прес-конференција соопшти дека заработил прекршочна казна во износ од 33 илјади денари за непријавен имот кој не бил негов, ниту пак бил впишан во неговиот имотен лист.

Блажески рече дека станува збор за пресметка на власта со политичките неистомисленици.

– Во очекување на судската пресуда за наводна клевета од моја страна кон секретарот на Општина охрид Димитар Спасески, за што бара 300 илјади денари, пред неколку денови од страна на Државната комисија за спречување на корупција добив прекршочна казна во износ од 33 илјади денари за непријавен имот кој не е ниту мој, ниту впишан во мојот имотен лист. Мојот имотен лист е празен и не поседувам ниту една недвижност. Станува збор за земјоделско земјиште во атарот на селото Врбјани. Имотот за кој поведуваат постапка за наследство од мојот покоен дедо и по неговата смрт е во сопственост на мојот татко и неговите браќа. Затоа сметам дека ова е уште еден обид  да се замолчат опозициските советници со смешни мерки кои ја навредуваат интелигенцијата на граѓаните. Сите добро знаат колку вреди имот во селото Врбјани, рече Блажески.

Dejan_Blazeski_Dokument

Како што додаде тој, ако се направи обична пресметка, треба да плати казна од 33 илјади денари за имот кој  не е на негово име, а кој според него,  не вреди ниту 300 денари.

– За споредба, за 33 илјади денари Субрата Рој доби поклон 550 квадрати атрактивно земјиште покрај езерото, за едно евро по метар квадратен, или пак ако сакате уште една паралела, направете компарација на мојот имотен лист како претседател на партија, со претседателот на ДПМНЕ, Михаилов. Дополнително небулозите на казнената политика на оваа власт одат дотаму што отштетата за наводно нанесена душевна болка која секретарот Спасески ја бара од мене чини 15 просечни плати во Република Македонија или пак неколку дневници за службено патување на пратеничката Силвана Бонева, нагласи Блажески.

Нивата во Врбјани, како што рече тој, ДПМНЕ преку нејзините институции  може да ја земе  во државна сопственост и да ја подари на Субрата Рој, со одобрение на неговиот татко, но ниту со тоа, според Блажески, нема да го замолчат како опозициски политичар, јавно да не говори и прашува за актуелните случувања во Охрид и Македонија.

– Колку и  да чини опозициското дејствување, нема да престанам да ве прашувам за јавно-приватните партнерства, за блатото, за урбанистичките планови со спорна денационализација, за наводните закани кон професорите, лекарите и пожарникарите, за празните имотни листови на млади наспроти оние на функцинерите, за неаргументираните апсења, за иселувањето од Охрид, за раскрчмувањето на државното земјиште, за двојниот морал. Секоја казна од партиските институции ја доживувам како лична награда и награда на демократијата и градот, истакна претседателот на ЛДП Дејан Блажески на денешната прес-конференција.

Во меѓувреме, како што најави тој, се уште ја чека и пресудата од судскиот процес што против него го покрена секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески во кој Блажески е обвинет дека изнел клевети и навреди кон Спасески за случајот со лизгалиштето во Охрид.(Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука