мај 4, 2017

Охрид, 4. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 14 мај, недела, Здружението на велосипедисти Macedonian Bike Riders од Скопје, ќе организира велосипедска тура околу Охридското Езеро.

Овој настан се организира трета година по ред, а годинава, како што велат од здружението, се преместува во пролет, за разлика од минатите години кога се организираше во август. Причината за ова е од практична природа, бидејќи во летните месеци има зголемена френфенција на сообраќај, па велосипедистите, кои возеле, биле приморани во повеќе наврати да прават кратки прекини на вело-турата.

macedonianbikeriders

Турата ќе биде од хуманитарен карактер.

– Стартот ќе биде во 09:00 или 09:30 часот, од пред платото на спортската сала „Билјанини извори“. Ние неколку години собираме средства за Специјалната олимпијада на Република Македонија. Па, така, ќе ја искористиме можноста додека возиме во Охрид, оваа тура да ја направиме од хуманитарен карактер, ќе имаме поставени кутии, за кој колку може да донира, вели за Супер радио, Горан Богоевски, претставник на здружението и еден од главните организатори на овој спортско – рекреативен настан.

Судејќи според минатата година, од здружението се надеваат дека и годинава ќе има голема заинтересираност за турата. Велат дека настанот е од отворен карактер, нема посебни услови за пријавување и секој може да се придружи. Минатата година имало 180 велосипедисти, кои учествувале на овој настан.

ezeroobikolka

– Ги повикуваме велосипедистите од Охрид и Струга, доколку се во можност, можат да нѝ се придружат. Целта е да се извози обиколката, да се дружиме, да се рекреираме. Предизвикот за нас е убавината на самото езеро. Очекуваме да ја извозиме линијата на езерото за околу 6-7 часа, додава Богоевски.

Ќе се вози во правец на Струга и граничниот премин Ќафасан. Организаторите напоменуваат, бидејќи ќе се вози низ Албанија,секој велисипедист – учесник, мора да носи лична карта или пасош. Според потребите ќе има попатни застанувања и паузи, а предвиден е ручек во Поградец или Охрид. Им се апелира на сите заинтересирани велосипедисти да понесат потребна опрема, велесипед, кацига, резервна гума, бидон со вода и лесна храна. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива/MBR

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука