Охрид, 26. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Последниве години во Охрид значително е намалена бројката на регистрации на нови занаетчии. Дел од занаетите стануваат дефицитарни, а за жал некои и изумираат.
Ако низ годините имаше 35-40 регистрации годишно сега има едвај 15, што е многу малку и е лошо за самото занаетчиство, изјави за Супер радио и OhridPress претседателот на Регионалната занаетчиска комора Охрид, Сашо Богоески.
Моментално во Охрид има регистрирано околу 300 занаетчии, од нив 200 се знаетчии, а околу 100-на се вршители на занаетчиска дејност (регистрирани како ДООЕЛ и ДОО) кои по сила на последно донесениот закон и тие се членови на комората. Најмногу има фризери, бербери и козметичари кои отсекогаш биле најбројни.
– Во Охрид, последниве години е доста опаднат бројот на регистрации на нови занаетчии. Ако 2016/17/18 годинаимаше 35-40 регистрации годишно сега има едвај 15. Дебрца се само 4 знаетчии, веќе подолг период таму нема регистрација на нови занаетчии. Цел работен век сум кондураџија и многу добро знам како стојат работите. Кондураџиите се веќе дефицитарни, бевме 20 сега сме 4, опинчарите исто така и уште неколку занаети што се на работ на изумирање, потенцира Богоески.
Како главна причина за ваквата состојба тој го потенцира немањето стратегија за развој на занаетчиството, со која би се опфатило и ослободување од придонеси и персонален данок за секое ново вработување, потоа големите давачки за почнување со работа, како и преквалификација на работната сила.
– Имаме ние како комора, бараме до министерството за економија да бидат ослободени од плаќање персонален данок и придонеси во период од три години за оние кои ќе почнат да се занимаваат со занаетчиска дејност, но од тоа сѐ уште ништо. Единствено постои проектот на UNDP преку Агенцијата за вработување како можност да се добие помош за почеток со работа. Друга причина за намалувањето на бројот на нови занаетчии е преквалификацијата на работната сила додава Богоески.
Потенцира дека има спас за ваквата состојба и ако се сака може да се помогне. На средбите и разговорите со надлежните вели дека наишле на разбирање, но сега потребна е и реализација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива