Скопје/Охрид, 22. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, за Тв 21 изјави дека автопатот Охрид-Кичево, кој и после 10 години не е завршен, ќе беше завршен до сега, да не се појавеле свлечишта кон крајот на минатата година.
– Ние како политичка партија укажавме дека тој проект е предвремено почнат да се гради, без притоа да се направат добри анализи кои ќе дадат соодветни состојби на теренот. И затоа што е почнато набрзина, при работата на терен се случуваа одредени слабости. Немаше клучки, паднаа планини, се свлекоа. И постојано се репроектираше таа траса. И ова укажува дека тој модел кој беше земен тогаш, избрзано почнување со градба, ги покажа сите слабости. Заедно со државни патишта кога бев министер, сигурен сум дека беше направено се’, да се дополни проектот, но се случи во 2023 година, пред тој краен рок, да имаме повторно нови 14-15 свлечишта, а тоа не е мала работа, рече Бочварски.
Тој напомена дека неговата влада го завршила автопатот 82%, и сега останува новата власт да го доврши и да го пушти во употреба.
– Јас тогаш реков дека нема да пуштиме автопат, кој е небезбеден, за само да го пуштиме. Кога дојдовме во 2017 година, автопатот Кичево-Охрид беше завршен само 30%. Кога ја предадовме власта е завршен 82%. Сме решавале проблеми. Сега новата влада да продолжи и од 82% да го заврши, рече Бочварски. (Крај)
извор: Тв21 фото: Тв 21