јануари 29, 2015

Охрид, 29. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Прогнозите на синоптичарите се дека западниот дел од државава претстојниот викенд ќе го зафатат обилни врнежи од дожд. Во охридско-струшкиот регион не се очекуваат поплави од големи размери, смируваат познавачите на приликите.

Во западниот и југозападниот дел, со најавениот бран се очекува поголемо количество вода во реките Црн Дрим и Радика.

– Пообилни врнежи од дожд се очекуваат во петок навечер кон сабота и во сабота навечер кон недела. Во западниот регион очекуваме пораст на водостоите на реките Радика и Црн Дрим. Не се очекува излевање на Радика, а Црн Дрим, како што е познато, може да се регулира, вели Рада Бојковска, раководител на хидролошкото одделение во Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје.

Во охридско-струшкиот регион, доколку има поројни дождови може да има поголемо количество вода во горниот тек на реката Сатеска.

– Доколку се остварат прогнозите, очекуваме пораст и на реката Сатеска. Со неа е повеќе поврзано Струшкото Поле. И статистиките на хидролозите во текот на изминатите години покажуваат дека при зголемен водостој на Сатеска се поплавува Струшкото Поле кое е интегрирано со Сатеска, додава Бојковска.

Инаку водата во Охридското Езеро според последните мерења се искачи на 693,24 метри, што претставува зголемување за седум сантиметри во однос на минималната кота од 693,17 метри. Од хидролошкото одделение на УХМР велат дека просечниот водостој на езерото во јануари е 693,39 метри. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Волино.мк

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука