декември 28, 2017

Охрид, 28. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со бојкот на наставата, родителите на деца од прво одделение во ОУ „Св. Климент Охридски“ го искажаа своето незадоволство од промената на две наставнички и дефектологот во ова училиште.

На трите им биле истечени договорите на дело, по што бил распишан нов конкурс на кој и тие аплицирале, но на нивно место се избрани други соработици.

bojkotklimentНаставничкиот совет и одборот на родители во училиштето донеле одлука двете наставнички и дефектологот и натаму да продолжат да работат.

– Од директорката бараме да се повлече одлуката за промена на нашата наставничка Маја Маленко, вработена веќе осум години во образовниот систем. Исто така и за наставничката Лидија Ристеска која води прво одделение во Далјан, како и одлуката за промена на нашиот дефектолог и логопед Билјана Аслимоска. Големо е нивното значење, работа и придонес за квалитетот на наставата во ова училиште. Прашуваме по кој критериум е избрана друга наставничка, сосем спротивно на веќе донесените одлуки. Доставуваме барање до директорката да ги штити пред се` нашите интереси, во прилог на нашите деца, рече Деспина Блажевска, родител.

ouklimentbojkotРодителите, задоволни од досегашната работа на наставничкиот кадар и дефектологот, велат дека се работи за професионалци во својата работа. Тие доставиле и петиција до директорката на училиштето.

jovancospiroski– Кога дознавме дека се можни промени, се собравме родителите, направивме допис и петиција, на која се потпишавме. Истата е доставена до директорката, но и до канцеларијата на градоначалникот. Дефинитивен одговор не добивме, но нашиот став е јасен. Овде се работи за првачиња и за деца со посебни потерби. Веќе сме на средина на школска година, децата се навикнаа ја прифатија учителката, вакви промени не се добредојдени, вели родителот Јованчо Спироски.

peticijasvkliment– Со оглед на тоа што се работи за мали дечиња, кои се формираат како личности и кои тешко се привикнуваат на промена на наставничката, веќе имаме проблем, не сакаат да одат на училиште, рече Стојанка Трајческа, родител.

roditelibojkot– Учителката Маја е исклучително квалитетен наставник. Веќе десетина години наназад слушаме за нејзиното добро работење. Не се прифаќа одлуката да си оди од ова училиште, вели една од родителките Сандра Каневче.

Родителите најавија дека бојкотот кој го започнаа денес, земајќи ги своите деца од настава, ќе трае се` до исполнувањето на нивните барања. Бараат да се почитува одлуката на наставничкиот совет и одборот на родители. Велат дека за овие неправилности ќе го известат просветниот инспекторат и министерката за образование Рената Дескоска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука