Охрид, 31. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Бразилецот Матеус Еванжелиста во машка и Французинката Каролин Жуис во женска конкуренција се победници на 37. издание на Охридскиот пливачки маратон, кој се одржа денеска на патеката „Климе Савин“ долга 25 километри, во водите на Охридското Езеро.
Еванжелиста ја преплива патеката за време од 05:45:05 часа, додека Жуис за 05:46:51 часа.
Во машка конкуренција втор патеката ја мина Марсел Шутен од Холандија, а трет беше нашиот Евгениј Поп Ацев, кој беше најдобро пласиран од македонските пливачи.
Мајте Пука од Аргентина беше втора во женска конкуренција, а Инес Делакроа од Франција, за која ова беше прво претставување во Охрид, го освои третото место.
Учество зедоа вкупно 19 пливачи од девет земји, 11 во машка и 8 во женска конкуренција, кои пливаа од Св. Наум до Охрид. Покрај домашните пливачи, на маратонот учествуваа и пливачи од Франција, Холандија, Бразил, Хрватска, Аргентина, Данска, Турција и Косово. Република Македонија ја претставуваа Леонид Мишевски, Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и Росана Гошева. Наградниот фонд на маратонот изнесува 12.000 евра, од кои 2.000 евра се предвидени за најбрзите во двете конкуренции на две контролни бови.
Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“.
Организатор е Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор на настанот е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива