Охрид, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Младите гејминг програмери од Охрид, браќата Давор и Даниел Зафировски ќе бидат дел од инвеститорскиот настан NewMan’s Business Accelerator, кој ќе се случува во Скопје.
Иницијативата NewMan’s Business Accelerator во изминатиот период објавија конкурс за млади кои се занимаваат во информатичка технологија и имаат идеи кои ќе ги понудат на бизнис пазарот. Од пристигнатите апликации, избрани се 15-на, меѓу кои и охриѓаните Давор и Даниел Зафировски со нивниот заеднички проект.
Охридските гејминг програмери ќе можат да се претстават со нивниот проект пред бројни инвеститори. Настанот ќе биде во петок, 20-ти февруари.
– Ни претставува задоволство да ве информираме дека 15те старт-апи од нашето портфолио ќе се претстават пред избран круг на VC фондови, инвеститори, и претприемачи од земјата и странство. На сите им посакуваме успех. Презентациите нема да бидат отворени за јавност, затоа што целта е остварување директен и поблизок контакт со инвеститорите од страна на самите членови на стартапите. Но ќе се снимаат сите презентации, и подоцна ќе бидат поставени на веб како видео оние за кои самите стартапи ќе дадат согласност, информираат од иницијативата.
NewMan’s Business Accelerator, е македонско-американска компанија, која поддржува професионалци и млади едуцирани кадри на полето на технологијата. Седиштата на организацијата се во Скопје и Лос Анџелес. (Крај)
изввор: ОхридПрес фото: архива