Охрид, 18. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во Facebook групата Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 објавен е интересен напис, кој е дел од книгата „Скици од Германија и Германците со кус осврт на Полска, Унгарија и Швајцарија од еден англиски жител во Германија“, печатена во Лондон во 1836 година, на британскиот капетан Едмунд Спенсер.
Го пренесуваме делот од написот поврзан со Охрид и Струга.
Во овие времиња на интернет и евтини авионски патувања, човек тешко може да замисли дека само четири генерации пред нас, повеќе од 80% од светот бил непознат. А како би се знаело за некои далечни земји ако немало автомобил, воз, авион, радио, телефон, телевизија…? Единствен начин да се откријат овие непознати земји бил некој физички да ги прошета и да ги опише во некој патепис.
Денес малку се знае за британскиот капетан Едмунд Спенсер. Се мисли дека околу 1830 годна живеел во Прусија каде што ја пишува својата прва книга „Скици од Германија и Германците со кус осврт на Полска, Унгарија и Швајцарија од еден англиски жител во Германија“ испечатена во Лондон во 1836 година. Подоцна тргнува од Виена и по Дунав пристигнува до Истанбул и Црното Море при што ја пишува својата втора книга „Патувања низ Западниот Кавказ (Лондон 1838).
Но за нас е најинтересно неговото трето патување.
Во 1850 година трга на патување низ јужен Балкан, од кое ја пишува книгата „Патувања во Европска Турција во 1850 низ Босна, Србија, Македонија, Тракија, Албанија и Епир, со посета на Грција и Јонските острова. (печатена во Лондон 1850 година)“.
Книгата е целосно достапна на интернет. А ако некој сака да има оригиналната книга, во моментов аукционерската куќа „Antiquariat Peter Kiefer“ од Берлин нуди еден примерок под каталошки број 2101 на нивната аукција закажана на 12-ти февруари 2025 година, почетната цена е 140 евра.
Ако имате визуелна мисла, читајќи ги страниците од книгата поврзани со Македонија, во главата ќе Ви се појават сцени од Македонија во 1850 година. Би сакал овде да пренесам неколку фрагменти од книгата.
Поглавје 4, страна 80, Од Охрид кон Албанија
Поради набиена агенда, принудени сме да ја завршиме посетата на Окрида [Охрид] и неговото прекрасно езеро, кое ако монсињор Волтер (Voltaire (1694-1778) најпознатиот француски филозоф) го видел, никогаш не би рекол, кога пишувал за Женева: „Mon lac est le premier lac du monde!” („Моето езеро е првото езеро во светот!“).
Напуштајќи го Окрида, патувавме покрај бреговите на езерото, преку ливади со трска, сè додека не дојдовме во гратчето Струга, оддалечено 2 лиги (стара англиска мерка, една лига е околу 7 километри). Овде, по претходна покана, остатокот од денот и ноќта го поминавме во куќата на еден многу достоен човек, Димитриос Миладин (Димитар Миладинов!!!) кој течно го зборуваше италијанскиот јазик. Нашиот краток престој овде ни даде можност да го посетиме султановите рибарски мрежи, и колку и да беа несмасно подигнати, тие му носат на султанот годишен приход од сто илјади пијастри.
Со домаќинот, го подготвивме нашиот риболовен стап и успеавме уште подобро да ја шармираме пастрмката отколку во Окрида; тие тука се помали по големина, но многу побројни (очигледно Димитар Миладонов бил и добар рибар). (Крај)
извор: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950