Охрид, 21. ноември2017 (ОХИРДПРЕС) – Со акција на надлежните служби и соодветна механизација, доцна синоќа од водите на каналот Студенчишта во Охрид беше извлечен бродот „Мис Стон“, кој делумно беше потонат при што се излеа мала количина нафта.
– Со помош на брод од Хидробиолошкиот завод и дигалка, бродот беше исправен и прицврстен во близина на хангарот од Хидробиолошкиот завод. Се очекува во наредните денови бродот да се дислоцира од каналот. Во целиот зафат учествуваше и екипа на ЈП „Нискоградба“, која со пумпи претходно ја отстрани водата од внатрешноста на бродот, велат од Општина Охрид.
Во текот на вчерашниот ден, екипа од Капетанијата и пристаништа од Охрид, со специјални абразивни средства, ја неутрализираа најголемата количина излеана нафта. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива