Охрид, 16. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Поминаа 10-тина дена, откако како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со заштитата на Охридскиот регион, на OhridPress беше поставен UNESCO Бројчаникот, кој ќе ни покажува уште колку време останува до 1-ви февруари 2020 година.
Денес Бројчаникот покажа дека веќе навлеговме под 200 дена до овој датум и на нашиот портал ќе остане до 1-ви февруари и ќе не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста, но овој пат и за брзината со која мора да ги носат одлуките.
Неодамна во Баку беше официјализирана одлуката UNESCO да му даде уште една шанса на Охрид. Одговорните имаат време до први февруари да ги исполни сите 19 препораки или во спротивно на следната сесија во јули ќе заврши на листата загрозени подрачја. Одлуката беше донесена попладнево на сесијата во Баку и подразбира мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, уривање на дивоградбите, изработка на детална анализа за состојбите во регионот и ревиталзација на колекторскиот систем. Истите препораки важат и за албанската страна од езерото.
На сесијата во Баку повеќето земји учесници гласаа за да му се даде дополнителен рок на градот иако сите се согласија дека властите стагнирале во исполнување на препораките за заштита на регионот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес