октомври 24, 2019

Охрид, 24. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со заштитата на Охридскиот регион, неодамна на OhridPress беше поставен UNESCO Бројчаникот, кој ќе ни покажува уште колку време останува до 1-ви февруари 2020 година.

Денес Бројчаникот покажа дека останаа уште 99 дена до овој датум и на нашиот портал ќе остане до 1-ви февруари и ќе не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста, но овој пат и за брзината со која мора да ги носат одлуките.

Претходно во Баку беше официјализирана одлуката UNESCO да му даде уште една шанса на Охрид. Одговорните имаат време до први февруари да ги исполни сите 19 препораки или во спротивно на следната сесија во јули ќе заврши на листата загрозени подрачја. Одлуката беше донесена попладнево на сесијата во Баку и подразбира мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, уривање на дивоградбите, изработка на детална анализа за состојбите во регионот и ревиталзација на колекторскиот систем. Истите препораки важат и за албанската страна од езерото. На сесијата во Баку повеќето земји учесници гласаа за да му се даде дополнителен рок на градот иако сите се согласија дека властите стагнирале во исполнување на препораките за заштита на регионот.

Истече рокот за отстранување на дивоградбите, од денес инспекторите повторно на терен

Неодамна локалната самоуправа започна со акција за уривање на дел од дивоградбите. Прва на удар беше куќа надвор од строгиот центар на градот и првата езерска линија, по што започна и акција за отстранување на платформите ан дел од угостителските објекти.

Со бројот дивоградби во Охрид и долж брегот на езерото не треба да се шпекулира оттаму што со регистарот дивоградби не може да се каже колку од тие објекти ќе добијат решенија за уривање. Голем дел од објектите впишани во регистарот дивоградби со закон можат да бидат легализирани така што се уште не се знае колкав ќе биде бројот дивоградби што ќе ги урива општината, уште повеќе што голем дел од нив спаѓаат под ингеренција на Министерството за транспорт и врски.

– Колкав ќе биде бројот објекти што по никоја основа нема да можат да бидат легализирани ќе се знае откако ќе биде изготвена Студијата за евалуација на влијание врз животната средина. Сега треба да се направи мапирање на тие објекти, тогаш ќе го знаеме точниот број, изјави градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Меѓу нив има објекти изградени пред 15 години, така што процесот на уривање на дивоградбите ќе се одвива постепено, чекор по чекор. Ситуацијата дополнително ја усложнува непостапувањето на другите државни субјекти согласно регулативата и злоупотребата на правните лекови за одолговлекување на постапките.

Според најавите, ќе се уриваат и дивоградбите во Националниот парк „Галичица“. Во заштитениот појас на паркот, во зоната од 50 метри од брегот на езерото има околу 29 нелегано изградени објекти. Истите не може да се легализираат и претствуваат закана за природните вредности на паркот. Сопствениците веќе поднеле барања за легализација.

Според Регистарот на дивоградби, во Охрид има 1.076 нелегално изградени објекти, од кои 409 се во заштитениот појас. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука