февруари 4, 2015

Охрид, 04. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Од неодамна охридскиот фотограф и астроном Стојан Стојановски го пушти во јавност сервисот „Охрид360“, кој ќе служи за презентација на туризмот, локали и бизнис во Охрид и околината.

Охриѓани, но и граѓаните на цела Македонија, па и пошироко, имаат можност да уживаат во ексклузивните професионални фотографии, кои редовно ги прави младиот фотограф Стојановски. Преку неговата идеја, на поинаков начин, тој ги презентира сите убавини што ги има во Охрид, кои, пак од „секојдневното сивило, немарно или случајно луѓето не ги забележуваат.“

2ohrid360

Вистинско освежување, но и убаво утринско будење нудат фотографиите на Стојановски, а граѓаните веќе почнаа да се навикнуваат редовно да го посетуваат сајтот преку социјалните мрежи и да го гледаат својот град преку уметничката фотографија.

3ohrid360

– Ова е само почеток за продолжување на проектот и редизајнарање на Охрид Инфо. Секој локал или бизнис (сметување, ресторан, продавница итн) може да имаат своја виртуелна панорама/тура од земја и од воздух. Се решив на овој чекор со цел да се даде еден вид шанса од мене за презентација и подобрување на тој дел бидејќи сме туристички град. Цел ми е да се прикажат убавините на овој дел од Македонија, а не само да се чека 25 Јули-3 Август и да се тера некој измислен сосила туризам. Факт е дека Охрид не треба да служи а и нема услови само за капење 5 дена секое лето и реприза концерти. Охрид и околината имаат многу простор за развој на секаков вид на туризам. Цел ми тоа да му го доближам на светот, секако со помош на комерцијалниот дел од сајтот т.е. фирми кои ќе плаќаат за своите панорами по екстра цена за тоа што го добиваат, а јас со тоа да можам убавините бесплатно да ги претставувам и сето тоа да биде на едно место, вели Стојановски.

4ohrid360

Дигиталната и уметничката фотографија преку објективот на Стојановски, дава своевидна посебност на местата и локациите кои тимот со кој соработува „Охрид360“ се забележувани речиси секојдневно. Стојановски преку овој проект сервис раскажува бројни приказни за Охрид, следејќи го основното правило на уметничката фотографија – „една фотографија заменува илјада зборови“. Така, преку неговите фотографии можат да се видат панорамски слики од културно-историските места во Охрид, сесии на фотографии за одредени случувања, луѓе и места, како и навидум едноставни нешта, но кои добиваат една поинаква димензија, како на пример, темата „снег во Охрид“, „шетачи на кејот“, „небото над Охрид“  слично. (Крај)

5ohrid360

извор: ОхридПрес фото: Стојан Стојановски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука