Скопје, 10. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија на Министерството за здравство му додели опрема за информатичка технологија, како поддршка за дигитализација на процесот на имунизација и подобрување на техничката инфраструктура на сите вакцинални пунктови низ државата, како дел од тековните напори за борба против пандемијата на COVID-19. Набавката на опремата финансиски е помогната од Германија.–
Опремата што ја добивме денес ќе биде од голема важност за забрзување на безбедното и делотворно одвивање на вакцинирањето со сите вакцини, вклучувајќи ги и вакцините против Ковид-19, како и за подобрување на пристапот до податоци кои спасуваат животи. Имунизацијата против COVID-19 и натаму останува критично важна за намалување на случаите на тешка форма на болест и смрт, вклучувајќи и против доминантниот Делта сој на вирусот, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче.
Д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Македонија, истакна дека давањето поддршка на Министерството за здравство за изградба на отпорен здравствен систем е еден од приоритетите на СЗО во Македонија.
–Испораката на критично важна техничка опрема ќе го зголеми капацитетот на здравствениот систем за рутинско собирање здравствени податоци во реално време и за искористување на овие информации за ефективен одговор во континуираната битка против оваа пандемија и секоја друга болест што може да се спречи со вакцина. Тоа можеме да го постигнеме единствено со нашите партнери, и затоа во оваа прилика сакам да ѝ се заблагодарам на Германија за нејзините флексибилни придонеси за СЗО, особено во европскиот регион на СЗО, додаде д-р Тавила.
Амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, изјави дека оваа опрема ќе значи поголема здравствена сигурност и ќе биде од корист за сите граѓани.
–Можеме со сигурност да кажеме дека правичната и брза дистрибуција на вакцините ќе помогне во борбата не само против пандемијата на COVID-19. Многу сум среќна што Германија го обезбеди овој финансиски придонес за СЗО за дигитално подобрување на македонскиот здравствен систем, рече н.е. Холштајн.
СЗО во Македонија континуирано ги поддржува националните здравствени власти во преземањето мерки за здравствена сигурност, особено за време на актуелната криза со COVID-19. Поддршката од СЗО е од исклучителна важност за: создавање мрежа за собирање информации и одговор на вонредни состојби од страна на системот за јавно здравје, во што влегуваат и лабораториите; изготвување и спроведување на национален план за вакцинација против COVID-19; создавање податоци засновани на докази за зајакнување на интервенциите; снабдување со опрема за управување со вакцини и одржување на ладниот ланец, како и континуирана обука за здравствени работници и вакцинатори; придонес кон вкупните рутински напори во делот на имунизацијата на национално ниво, информираат од министерството за здравство. (Крај)
извор: Скопско ехо фото: ФБ/Венко Филипче