Гевгелија, 2. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Фирмата „НесМак“ од Гевгелија, чии основачи се од Скопје, нелегално ја купила зградата „Николина“ од „Фиком“ и ги продава становите, со што прави втор „Фиком“, вели за Плусинфо нотарката Лорија Ваневска, поранешна адвокатка на измамените станари од зградите на оваа фирма.
– Фирмата „НесМак“ од Гевгелија со скопски основачи ја купи згадата „Николина“ пред таа да биде ставена во стечајна постапка, што е нелегално и сега таа ги продава становите, со што прави втор „Фиком“, рече Ваневска.
Таа вели дека криминалот и нелегалностите продолжуваат и дека целиот процес се одвива во чудни околности со низа неправилности.
– Имаме полномошно од починат човек, полномошно кое не е за таа парцела. Баравме тоа да биде ништовно, но Апелација го врати предметот повторно. Тоа веќе не може да се користи и хипотеката мора да остане, а Еуростандард банка веќе продаде една од зградите, вели нотарката Ваневска.
Таа додава дека иако од банката знаеле за случувањата, тие сепак му доделиле хипотека на Никола Николиќ и дека истиот бил казнет поради таа хипотека. Според неа, целиот криминал се враќа и нелегално се суди за овој случај од за неа непозната причина, но дека купувачите на становите ќе одат до крај со оваа постпака.
Нотарката Лорија Ваневска, поранешна адвокатка, која го започна случајот „Фиком“ рече дека Општина Кисела Вода изгубила еден спор со „Фиком“. (Крај)
извор: Плус Инфо фото: архива