Велес, 09. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Надојдената Пчиња повторно го преполни Вардар и тој викендов се излеа во Велес, по втор пат за две седмици.
Овој пат поплавени се поголеми површини, во месноста Речани, Шорка, а половина од Градскиот парк е под вода. Поплавени се и големи површини под раноградинарски култури иако Вардар од завчера е понизок за половина метар во однос на највисокото ниво. Поради брзото надоаѓање на реката десетина семејства беа евакуирани со чамец од нивните домови.
Во Речани и во Шорка, фолиите со раноградинарски расад, млад кромид, марула, морков се под вода и се што е засадено е уништено. Во овие две населени места 12 часа немаше електрична енергија, која беше исклучена превентивно. Поради високиот водостој, мостот кај Башино Село, на влезот во Велес беше 10-ина часови забранет за сообраќај, оти не беше безбеден за минувачите.
Градскиот парк во Велес до половина е поплавен, вклучувајќи го и помошното фудбалско игралиште и тениските терени во изградба. Надојдената река Бабуна во долниот тек ги однесе сите пешачки мостови. Езерото Младост е со рекордно високо ниво и е пред прелевање. Надојдените суводолици Рудничка и Отовичка го преполнија езерото и недостигаат уште неколку сантиметри за да прелее преку браната. Надојдената вода ја смени и бојата на вештачката акумулација, од сина во жолта. (Крај)
извор: ОхридПрес/Вест фото: архива