Вевчани, 12. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со отворање на Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“, каде ќе се одржи и изложба со фотографии и уметнички слики од повеќе македонски автори, денеска започнува традиционалниот Вевчански карневал.
Деновиве Вевчани ќе пулсира во знакот на каревалските случувања. За разлика од лани, годинава ќе има и музичка програма за што се задолжени македонски изведувачи. Вечерва ќе настапи охридскиот DJ Face и Жаре бербер.
Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва Горна и Долна маала, што ќе се одржи утре. Вечерта ќе настапат локалниот уметник Перо Бели, Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски, а со спектакуларен огномет, во рамките на манифестацијата, вевчанци и пристините посетители ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година според стариот Јулијански календар.
Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14-ти јануари.
Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски очекува посетеност на карневалот, што е атракција прочуена и позната на далеку и повика на почитување на ковид протоколите.
– Би испратил апел да се почитуваат мерките. Вевчанските маски не сакаат никого да навредат, ги истакнуваат само позитивните и негативните страни, тие ја отсликуваат целата реалност што била во изминатата година, кај нас и во светот, вели Кочовски.
Вевчанскиот карневал според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива