Вевчани, 12. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Сé е подготвено за годинашното издание на традиционалниот Вевчански карневал, каде вевчанци преку маските со векови наназад „го бркаат злото”.
Вечерва со почеток на музичката програма започнува Вевчанскиот карневал, едно од главните обележја на Македонија за празникот Св. Василиј, односно Василица. Од 19:00 часот настапува DJ Ampov, следен е Јанг Дади, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд и групата Нокаут.
Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва од Горна и Долна маала, што ќе се одржи утре во попладневните часови. Тогаш цело Вевчани станува еден голем театар на отворено и сета енергија на василичарите се впива во преубава атмосфера.
Утревечер продолжува музичката програма со настапите на Акустик бенд, Наум Петрески, оркестарот со зурли и тапани Вевчани, Перо Бели и Коки Биоритам.
Манифестацијата завршува во недела, со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
Вевчанскиот карневал, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Тој е еден од најпознатите брендови на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години. Постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива