Вевчани, 13. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со дефиле на маските кога двете василичарски друштва од Горна и Долна маала, ќе се сретнат сред село, официјално започнува Вевчанскиот карневал.
Со традиција од повеќе од 1.500 години вевчанци преку маските „го бркаат злото“.
Годинашниот слоган е „Спремете ги суратите“. Музичката програма започна синоќа, а ќе кулминира вечерва со настапите на Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст тајм и локалниот уметник Перо Бели.
Манифестацијата завршува утре, со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
Вевчанскиот карневал, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Тој е еден од најпознатите брендови на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години. Постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива