Вевчани, 13. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Стани Цаци да те види сала, војната во Украина, францускиот предлог и договорот со Бугарија, антикорупционерите, Анима мунди, автопатот Охрид-Кичево…
Ова беа само дел од маските, кои во комбинација со неисцрпната луцидност на уникатните Вевчанци, дадоа посебен печат на годинешното издание на карневалот во Вевчани.
Со традиција од повеќе од 1.500 години вевчанци преку маските „го бркаат злото“.
Годинашниот слоган е „Спремете ги суратите“. Музичката програма започна синоќа, а ќе кулминира вечерва со настапите на Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст тајм и локалниот уметник Перо Бели.
Манифестацијата завршува утре, со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
Вевчанскиот карневал, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Тој е еден од најпознатите брендови на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години. Постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Вевчански Карневал