Вевчани, 7. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вевчанскиот случај од далечната 1987 година, кога тогашната власт имала намера да ги каптира Вевчанските Извори, под изговор дека носи вода за жителите од соседното село Октиси, а всушност, имала намера водата да ја користи за елитната викенд-населба „Елен Камен“, каде што се наоѓале вилите на тогашните челници на власта, и после толку години останува настан кој не смее да се заборави.
На обидот на тогашната власт се спротиставија жителите на Вевчани со поставување на барикади и не се дозволија да се постават водоводните цевки.
Немирите ја достигнаа кулминацијата на денешен ден, 7-ми август 1987 година, кога интервенираа специјални полициски сили, и за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“.
Денешниот ден биде засекогаш запишан во историјата на живеењето на Вевчани, но и во и колективната меморија на гордите вевчанци.
Државата која беше осудена на пропаст, започна да си ги „крши забите“ токму преку плеќите на овој чесен и горд народ, кој застанувајќи зад највредното, водата, всушност кажа гласно НЕ и беше предвесник на настаните кои подоцна ставија крај на заедничката идеја.
Во историјата, „Вевчанскиот случај“ ќе биде запишан и како метафора на непокорот и вечната борба за опстанок на овој простор.
Младиот поет од Вевчани Дарко Лешоски со неколку зборови одлично ја отслика суштината на вевчанци:
Вевчанец не е ни верска, ни етничка, ни национална определба, нит место на рождање – карактер је! (Крај)
извор: ОхридПрес/книгата на Алимпие Анѓелски фото: архива