Вевчани, 13. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вевчанскиот карневал го откажа забавниот дел од оваа манифестација поради загинувањето на млад жител на Вевчани, соопшти денеска градоначалникот на општината Спасе Кочовски.
– Трагедијата што се случи сношти во Вевчани, сообраќајна несреќа, погина млад член на Вевчани, жител на Вевчани. Улиците на 13-ти јануари никогаш не биле во ваква состојба. Вевчани сме мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нѐ потресуваат. Вечерашниот концерт е откажан. Вевчани овој ден го чека цела година, меѓутоа, не на ваков начин, изјави Кочовски, пренесе Слободен печат.
Тој истакна дека претпладнево имале средба со вевчанските друштва и дека дефилето ќе се одржи во некоја минимална форма.
– Утрово маскирано лице не забележавме, не било никогаш вака, рече Кочовски и додаде дека рестораните ќе работат без музика.
Поради трагедијата која се случи во раните утрински часови музичката програма од Вевчанскиот карневал која беше предвидена на 13-ти јануари 2024 година се откажува, објавија на официјалната Facebook страна на карневалот.
– Во координација со општината и василичарските друштва од Горна и Долна мала се донесе одлука заради продолжување на традицијата да се оддржат традиционалните адети и поворката и дефилето ќе се случат во предвиденото време но со намален интензитет без музика и оро, со едноминутно молчење на централното случување, стои во објавата.
На 13-ти јануари 2024 година, околу 01:20 часот во СВР Охрид, било пријавено дека на регионалниот пат кон Вевчани, во близина на струшкото село Подгорци, се случила сообраќајна незгода во која животот го загуби 19-годишно лице од Вевчани.
– Во незгодата учествувало патничко моторно возило марка „Aуди“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од страна на 19-годишно лице од Вевчани кое излетало од коловозот. Во несреќата на местото на настанот починал возачот. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица од Струга, информираат од МВР.
Според неофицијални информации, лицето кое настрада во сообраќајката е за синот на поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски. (Крај)
извор: Слободен печат/МВР фото: ОхридПрес