Вевчани, 11. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Вевчанскиот карневал е најпознатиот бренд на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари.
Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години.
Погледнете едно прекрасно видео кое не води многу години наназад, поточно во далечната 1993 година. Погледнете кои маски биле актуелни тогаш, но и како изгледало селото Вевчани пред повеќе од 30 години.
Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма. Вевчани е и вистинска туристичка атракција. Лоцирано на падините на планината Јабланица, со недопрена природа како Вевчанските извори, богата историја, традиционална архитектура, специјалитети од локалната кујна, традиција и фолклор.
Освен дефилето на маски за кои се зборува цела година потоа, за посетителите ќе има и богата музичка програма. Утре, на 12-ти јануари ќе настапат Пајак, Ареа и бендот Забрането пушење. Во понеделник, на 13-ти јануари, по карневалските фешти ќе настапат Љубојна, Наум Петрески, оркестарот со зурли и тапани Вевчани, а по нив настап ќе имаат Перо Бели и Коки Биоритам. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес видео: Stojan Lesoski