Вевчанци до ДУИ: Вие сте со „мувата на капата“, маската нема апсолутно никаква политичка конотација
јануари 15, 2025

Вевчани, 15. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Вевчанци остро ги осудија обвинувањата од ДУИ за маската која привлече внимание на Вевчанскиот карневал, нарекувајќи ги целосно неосновани и политички мотивирани.

Според нив, маската која предизвика контроверза е инспирирана од популарните зомби филмови и нема никаква врска со Зијадин Села или каква било политичка алузија.

– Оваа маска е дел од креативноста на учесниците, кои избраа тема од поп-културата. Нема апсолутно никаква политичка конотација, се наведува на Facebook страницата Moe Vevcani.

Нивната реакција доаѓа по изјавата на потпретседателот на Алијансата за Албанците, Исен Шабани дека „исмејувањето на трагедијата од 27 април на Вевчанскиот карневал е сериозна провокација која мора да биде казнета“.

Од Moe Vevcani ја обвинуваат ДУИ за селективност и лицемерие, истакнувајќи дека партијата останала нема кога на карневалот се појавија маски кои директно ги исмеваат корупциските скандали и криминалните активности на нивните функционери.

– Каде беа ДУИ кога се исмеваше нивниот ‘фудбалски тим’ кој играше по канцеларии, алудирајќи на нивната непрофесионалност и злоупотребите? Тогаш молчеа, а сега најдоа простор да се навредат од една зомби маска, потенцираат од Moe Vevcani.

Оттаму порачуваат дека нема да дозволат Вевчанскиот карневал да се користи за ниски цели и тој ќе продолжи да биде простор за сатира и креативност, а не за политичко профитирање. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука