септември 12, 2017

Охрид, 12 септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Градските советници го направија првиот чекор кон прогласување на стариот Чинар на плоштадот „Чинар“ како „споменик на природата“.

На денешната седница, без расправа, ја усвоија Предлог Одлуката охридскиот Чинар да влезе во трета категорија на заштита, односно да се прогласи за „споменик на природата“, како и елаборатот за валоризација, санација и ревитализација на овој симбол на Охрид.

Елаборатот врз основа на кој ќе се валоризира состојбата и капацитетот на чинарот го изработи консултантската куќа Друштво за еколошки консалтинг „Деконс Ема“ од Скопје.

– Целта ни е низ валоризација на степенот на загрозеност на стеблото да се направи една програма за негова заштита. Она што е направено како одредена заштита на самиот чинар, од испитувањата на дендрологот заклучивме дека не била квалитетна заштита, затоа што во самото дрво се случуваат некои процеси на гниење. Предлагаме некои мерки за откривање на она што е сега како подлога направено и подготовка на нова подлога за заштита на дрвото на годишно ниво, но и долгорочно, како и стабилизација на крошната, потенцира управителката на „Деконс Ема“, Менка Спироска.

Прифаќањето од страна на советниците беше првата фаза во постапката. Сега таа ќе биде проследена до Министерството за животна средина и просторно планирање, каде со акт, чинарот ќе се прогласи за „споменик на природата“.

Ohridski cinar1

Со елаборатот, покрај валоризацијата, вклучена е и програма за одржување и заштита на дрвото, за што општината ќе треба годишно да обезбеди околу 15-на илјади евра.

Иста постапка ќе има и за другите чинари во Охрид, но поради различниот капацитет, старост, како и различното значење за градот, не се ставени во ист пакет со чинарот на плоштадот „Чинар“.

Чинарот во Охрид е сврталиште на граѓаните, но и на туристите кои го посетуваат градот. Според народните преданија и легендите, дрвото го засадил Свети Климент Охридски уште во првата половина од деветтиот век. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука