Скопје, 14. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Господин господин Стефан, архиепископот и поглавар на Македонската православна црква-Охридска архиепископија им ги честита Велигденските празници на православните христијани и во посланието порачува да се доближат до Бога.
– Крајно време е луѓето да се свртат и да се вратат кон Бога, кон вистината, љубовта и правдата. Зашто само воскреснатиот Христос е спасоносниот лек против сите страдања, и единствениот пат, вистина и живот, порача поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во пасхалното послание по повод велигденските празници.
– Нашево време, за жал, на сите страни од светот изобилува со меѓучовечки и меѓуетнички недоразбирања и судири. Поделбите на економски, политички, па и верски план, го преплавија светот, па во тој потоп од омраза и злоба – војните, тероризмот и сл., станаа секојдневие. Непријателството меѓу луѓето го достигнува својот врв, и сведоци сме на најстрашни страдања на невини луѓе, па и на цели народи. Доброто, љубовта и вистината се потиснати од злото, користољубието и омразата. Се’ почести се самоубиствата, абортусите, убиствата и секаков вид насилство и криминал. Исто така, нарушувањето на бракот и семејството доведоа до последици и за моралната и за демографската состојба, особено меѓу европските народи. А сите тие неволи се раѓаат, пред се’, како резултат на човечкото неверие и самољубие, на отуѓувањето од Бога и од спасоносното евангелско слово, вели г.г. Стефан во посланието.
Тој исто така истакна дека историјата на нашиот народ и на Црквата покажува дека секогаш кога слабеела нашата вера и кога сме биле оддалечени од Бога, сме минувале низ многу премрежија и искушенија, но кога со покајание сме се обраќале за помош, Бог не’ услишувал и ни подарувал и слобода и мир.
– Во долгите ропства и туѓите владеења, и во неправдите од завојувачите, имајќи ја секогаш верата во Бога – никогаш не сме ја губеле надежта во конечната победа и во целосната слобода, порача г.г. Стефан. Затоа, додава, не треба да заборавиме дека богољубието и братољубието се двете основни правила по кои треба да постапуваме.
– Многупати се потврдило дека само кога со едномислие чекориме во вистината Божја и кога сме сплотени – имаме напредок; дека чесноста, вистината и правдата се добродетелите со кои најдобро можеме да се бориме против сите непријатели, се вели во посланието, при што се додава дека само така ќе можеме да опстоиме и како народ, и како држава и како Црква.
Г.г. Стефан потсетува и дека годинава се слават 50 години од автокефалноста на МПЦ при што најави дека таа годинава ќе се одбележи со свечености во сите епархии и институции, како и дека ќе продолжи да чекори по патот до конечното прифаќање на МПЦ меѓу помесните православни цркви.(Крај)
извор: фактор.мк фото: архива