Охрид, 19. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Исклучи го моторот- вози велосипед“ утре од 10:30 часот низ неколку охридски улици ќе се одржи велосипедско дефиле, како дел од активностите за одбележување на Европската недела на мобилност.
Стартот и целта на дефилето е пред општинската зграда. Велосипедистите ќе возат по улиците „Димитар Влахов“, „Кузман Јосифовски“ од пресекот со „Димитар Влахов“ до пресекот со „Партизанска“, па „Партизанска“ од пресекот со „Кузман Јосифоски“до пресекот со „Јане Сандански“ и дел од „Јане Сандански“ од пресекот со „Кеј Македонија“ од „Кеј Македонија“ преку мост „Билјанини извори“ до плажа „Амброзија“ и назад до улица „АСНОМ“. Од „АСНОМ“ до булевар „Туристичка“ преку „Димитар Влахов“ до општина Охрид.
На крајот од дефилето следуваат награди за учесниците во настанот.
Кај нас, а и во светот, се резервираат една или повеќе фреквентни сообраќајници за велосипедисти и пешаци. На тој начин се упатува силна порака дека со мудро одбирање на начинот на секојдневен транспорт, го заштедуваме домашниот буџет, го подобруваме нашето здравје, воедно ја заштитуваме животната средина и го намалуваме загадувањето од транспортот, а се што ни треба е подготвеност и волја одговорно да се однесуваме кон животната средина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива