За Охридцките работи Бр. сл. 003/04/2013 Охрид, 02. мај 2013 година
Одма да се разбереме. Ако ја имате „шернато“ иконана на Фејсбук, ич не ги читајте следниве редови, да не Ве изнервирам.
Под полна морална, материјална и кривична одговорност да бидам обвинет за патетика, денес ќе Ви пишувам за убави работи, настрана од политиката и слични „земни“ работи, барем не сега во предвечерјето на најголемиот христијански празник Велигден.
Да се живее во град кој има 365 цркви, по една за секој ден од годината, секако е и некој вид обврска, барем кон оние кои биле пред нас. Колкава треба да е вербата кај човек, за во голема сиромаштија и беда да започне да гради храмови за да не го изгасне кандилцето во душата. Кој бил нивниот мотив? Дали сме денес достојни на тие традиции? На уста можеби да, но со делата, тешко. Во ова време на лажни пророци, верата како да стана мода и начин да се истакнеме себе си како (не знам какви) почитувачи на традицијата. Толку скари, колбаси и ќебапи како деновиве ретко кога сме имале можност да видиме на социјалните мрежи. Сето тоа во време на најстрогиот пост и во време на Страсната седмица.
Дали ја разбираме суштината, дали ја отвараме вратата на својата душа доволно широко?
А целата суштина е во само три едноставни збора: вера, надеж и љубов – трите основни столбови на кои се темели христијанската религија.
Вера… Верата ги одржала охриѓани кога им било најтешко, кога „клетите Грци“ и „клетите Бугари и Срби“ жареле и палеле на овие простори. И тогаш горело кандилцето во домовите и душите на луѓето. Во ова време кога, како што вели Џибран, секое племе сака да биде народ, мора да веруваме како никогаш досега. Дури и најзаколнатите атеисти ќе се согласат дека веруваат во нешто, па макар и во себе. Затоа и моќта на верата е толку голема, затоа што произлегува од нас самите. Ако на верата и религијата гледате како на некој старец кој седи горе на облаците, сте ја згрешиле темата комплетно. Верата не е ниту во земните претставници на „Оној горе“ и нивните дела. Ние сме мали за да им судиме, а и од горе подобро се гледа, па затоа има ним кој да им суди, и за младите момчиња и за џиповите и за хотелите, за се. Верата е во нас, како што и Господ, или ти позитивната енергија на Вселената е во сите нас, само треба да ја пронајдеме и канализираме во добро, за со добро и да ни се врати. Споредете ги само Светите писма од водечките религии, направете компарација со старите египетски записи и ќе заклучиме дека ние со илјадници години пееме иста песна, само со „свои зборови и ликови“. Во „Кодот на да Винчи“, покрај многуте „лимонада моменти“, има еден интересен дијалог кога Сер Тибинг му објаснува на Роберт Ленгдон дека „Библијата не стигнала по факс од Рајот“. И таа ти била жива материја и низ времето била надградувана и проширувана, секако од страна на победниците и на начин на кој ним им одговарало…
Надеж… Во 2009 година едно од најчестите имиња кое им е давано на девојчињата во англиското говорно подрачје било Hope или надеж. Ако го бараме зборот „надеж “ во Библијата, може да се најде меѓу Псалмите и Мудрите изреки. Една од дефинициите за надеж е „да гледаме напред со доверба и очекување“ затоа што „кога носиме надеж, носиме живот“. Во вакви денови, преку неколку недели со пост и одрекување, правиме обид да се надминеме и секако да се победиме самите себе си. Човек како да ја спознава онаа своја страна која не им ја покажуваме на сите, онаа страна која ја чуваме длабоко во себе. И се надеваме. Се надеваме на подобро утре.
Овој Велигден подадете рака некому на кого му е навистина потребна. Големите души даваат и кога имаат најмалку. Подарете надеж, создадете барем една детска насмевка, некаде каде е заборавена дека постои. А ако веќе постите, правете го тоа со душата, а не само со телото, со одрекување од лошата енергија која често ја шириме околу себе, кога помислуваме лошо или ќе кажеме лошо.
Љубов…Многумина попаметни од нас направиле обид да објаснат што всушност значи љубовта, но од секоја нова генерација, некое ново перо ќе напише уште нешто што ќе направи оваа тема да остане недообјаснета, недокажана.
– Во љубовта и во поезијата сè е речено, а сепак сè треба допрва да се рече, рекол големиот Блаже Конески.
Што е љубовта? Љубовта е најголемото чудо кое се јавува во различни форми. Обично луѓето кои ги сакаме се оние во чие друштво сме најсреќни и оние со кои сакаме да го поминеме своето слободно време. Луѓе за кои најмногу се грижиме и не можеме да поднесеме да ги изгубиме. Љубовта можеме да ја чувствуваме на различни начини – љубов кон своите родители, кон фамилијата, кон пријателите, како и кон својот партнер.
Деновиве уште еднаш, по којзнае кој пат го прочитав писанието на сестра Макрина, кое минатата година го објави „Дневник“.
– Пријателот те сака повеќе одошто ти можеш себеси да се мразиш. Пријателот секогаш знае како да се справи со твоите автодеструктивни пориви. Пријателот пие со тебе за да има некој што ќе остане трезен.
– Пријателот мисли на тебе повеќе одошто ти самиот, но не те заморува со својата стратегија за скриените богатства.
– Пријателот е хотел во кој секогаш има соба за тебе, вели сестра Макрина.
Нејзините зборови и „думите“ на вевчанецот Дарко јас ги праќам како подароци за луѓето кои ги сакам, а кои ми се далеку за „стандарден“ подарок.
– Еве ти мисла, убава мисла за да знаеш дека те мислам, е мојот поздрав.
А денес е вистинска привилегија да се има пријател. Токму затоа силните зборови на сестра Макрина нека бидат „лепакот“ меѓу вас и вашите пријатели. Јас внатре во мојот Кинески ѕид ги пуштив само оние неколку, колку на прстите на една рака да ги броиш. Како свеќа која за празник ја чуваме со двете раце да не угасне, како првото јајце на Велигден им се радувам на тие луѓе.
Во вакви денови се враќаме на суштината, на семејството, пријателите, најблиските, во вакви денови, едноставно се враќаме дома, кон себе.
За многу години Велигден…
Сашо Митан