Охрид, 12. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – За утре во Скопје е најавено потпишување на договор помеѓу инвеститорот на новата автобуска станица во Охрид, „Делфина турс“ и компанијата „Веропулос“.
Ова ќе значи дека Веро супермаркет и познатиот Веро Џамбо доаѓаат и во Охрид.
Од „Делфина турс“ велат дека објектот на новата современа автобуска станица во Охрид ќе биде пуштена во употреба околу Нова година, најмногу до крајот на месец јануари идната година, по што ќе се започне со ископ за трговскиот центар во кој ќе бидат сместени маркетот и Веро Џамбо.
– Оваа постапка беше започната уште пред 7-8 месеци. Според договорот, до крајот на 2018 година објектот за новиот Трговски центар треба да биде во фаза на карабина, по што „Веропулос“ ќе почне да го уредува својот простор, истакна Ерсин Исмаил од „Делфина турс“.
Колку за потсетување, на 6-ти мај 2015 година транспортната компанија и туристичка агенција „Делфина Турс“ од Скопје го потпиша договорот за изградба на современа автобуска станица во Охрид, пришто беше најавено дека градов ќе има најмодерна автобуска не само во Македонија, туку и пошироко во регионот. Покрај објектот на новата автобуска станица, со проектот е предвидено Охрид да добие и Трговски центар, како и бензинска пумпа.
Темелите за објектот на автобуската станица беа удрени во месец ноември 2016 година. Во моментов објектот за новата автобуска е во фаза на карабина. Согласно договорот со општината, рокот за изградба на целокупниот комплекс е четири години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива