март 30, 2017

Скопје/Охрид, 30. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Музеј на град Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата Борис Чипан: По трагите на еден модернист.

Куратор на изложбата е архитект Фросина Зафировска, а ќе ја отвори д-р проф. Минас Бакалчев, декан на Архитектонски факултет УКИМ, Скопје.

Концептот на изложбата има интенција да ја проследи и презентира професионалната и животната патека на архитектот Борис Чипан (27 март 1918 – 31 март 2012), со која зазема едно од најзначајните места во историјата на македонската современа архитектура, како творец кој подеднакво суверено се реализираше во областа на архитектонското проектирање, заштитата на градителското наследство, архитектонското образование и архитектонската публицистика.

Користените материјали се дел од неговата професионална оставина, донирана од семејството Чипан на Музејот на град Скопје, сублимирана во „Збирка на архитект Борис Чипан“. Збирката содржи над петстотини предмети, меѓу кои: оригинални проекти, цртежи, скици, студии, ракописи, белешки, фотографии, исечоци од весници, дигитални записи, награди, плакети, книги и други предмети кои Борис Чипан педантно ги собирал и чувал, а кои се сведоштво на неговото долгогодишно, богато професионално делување.

Борис Чипан е роден и израснат во Охрид, спрема кој чувствува огромна љубов, од кој ја црпи инспирацијата и на кој ќе му се навраќа целиот свој живот.

Средно образование завршува во Белград (1932 – 1936). Студирал архитектура на Техничкиот факултет, Архитектонски отсек, во Белград (1936-1941), кадешто и дипломира, во класата на проф. Б. Коиќ, на тема „ Центар на селска населба“ во 1941 година.

По дипломирањето се враќа во Охрид, а во следните две години работи во Битола и Охрид, главно административни работи. Од 1944 до 1946 година гради мостови на ослободената територија на Пехчево, и работи на обнова на разрушените села во Македонија, за многу брзо време да прерасне во основополжник на заштитата на македонското градителско наследство. Во 1949 станува прв директор на тогаш основаниот Републички завод за заштита на културно-историски споменици. Од овој период посебно треба да се издвои неговата пионерска работа на конзервација на Св. Софија, катедралниот храм на Охридската архиепископија, кој ќе остане негова трајна професионална преокупација и личен предизвик да се откријат тајните на овој објект и комплексот што го опкружувал. Во оваа област подеднакво значајна е неговата работа на конзервацијата на црквата Св. Пантелејмон во Нерези, Даут-пашиниот амам и Куршумли ан во Скопје, Св. Богородица Перивлепта во Охрид, како и многу објекти од градската архитектура во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука