август 10, 2019

Охрид, 10. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва во кафе барот Shilla, психологот Дора Попова- Узуновски ќе ја промовира својата втора книга, романот „Синиот час“.

Возбудливата приказна за Џек и Лола ќе биде презентирана пред охридските читатели.

Станува збор за современа, љубовно-романтична приказна лесна за читање, со психоаналитичка содржина која на интересен начин прикажува како интрапсихичките процеси кои се случуваат кај двајца луѓе, влијаат врз нивниот взаемен однос.
– Откако ќе ѝ се остварат сите соништа во животот, младата и славна писателка од Њујорк Лола Карпентер доживува емоционален крах по смртта на своите родители и на сопругот Ед. Тогаш сфаќа дека сите желби што ги остварила биле само проекции и очекувања на нејзините родители од неа. За да се пронајде одново себеси и да го воспостави контактот со својата автентична природа, решава да замине на подолг престој на еден од грчките острови во Јонското Море, со цел да почувствува вистински мир. При тоа, не сака никој да ја препознае. Но, само што пристигнува на островот, нејзиниот план тргнува во сосема неочекувана насока откако на една од вечерните забави во хотелот каде што престојува го запознава шармантниот сурфер Џек, кој важи за страстен додворувач и навидум живее лесен и едноставен живот на плажата без никакви грижи. Не можејќи да си одолеат еден на друг, Лола и Џек се впуштаат во авантура за која на крај на ум не им иде каде ќе ги одведе. Нивната луда страст наскоро ќе почне да преминува во љубов за која и двајцата не се вистински подготвени, стои во описот на содржината на романот.

Дора Попова Узуновски е психолог, психотерапевт, гешталт терапевт. Основач е на Центарот за применета психологија „Дора“ од 2015 година, каде се уште активно работи. Нејзина втора љубов е писателството. Покрај „Синиот час“, автор е и на романот „Превртена љубов“. Низ нејзините романескни приказни се провејува магичната нишка на психологијата и психотерапијата која има лековито дејство за душата на секој читател.

Промотор на романот ќе биде Јуле Настовска Рувинова, а почетокот е во 19:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука