Охрид, 19. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во продукција на Народниот театар од Охрид и Театарот „Ici et la“ од Париз, Франција, во 20:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид, ќе се одржи премиера на драмската презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.
Подготвуван последните две години како поетско-театарски сон што ја пласира „Дениција“ во основата на македонскиот духовен идентитет во европски и светски рамки, нејзината праизведба во Македонија се совпаѓа со десетгодишнината од смртта на акедмик Петре М. Андреевски (1934-2006).
Проектот е во режија на Константин Плевнеш, кој е воедно автор на оригиналната музика. Во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција, младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија, Саша Ефтимова од МОБ.
Картите се во продажба на билетарата на Центарот за култура по цена од 200 денари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива