мај 29, 2024

Охрид, 29. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Познатиот охридски уметник Сашо Блажески- Блажес ја најавува неговата самостојна изложба „Diving to the bottom“ во познатата Abstract Project Gallery во Париз.

– Се’ е подготвено за мојата изложба во Париз. Свеченото отворање е закажано за среда, 29-ти мај 2024 година од 18:00 часот, вели Сашо Блажес.

– Авторот сака да пронајде место каде може да се сокрие, место за медитација и ослободување од реалноста преку влегување во длабоките води во потрага по апстрактните сенки на нашата реалност. За него, да се живее на брегот на Охридското Езеро, но и да се нурне во неговите мистични длабочини, е како да се нурне во најдлабоките делови на нашето битие, вели Маја Чанчуловска- Михајловска за изложбата на Блажес.

Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано четиринаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија.

Негови дела се наоѓаат во приватни колекционерски збирки во Норвешка, Јужна Африка и Романија. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука