Охрид, 29. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во петокот во Форт кафе, местото кое се роди пред полни 8 години, се случи прекрасно дружење со туристичките работници од Охрид.
Како знак на поддршка и во име на заедничката соработка, на самиот старт на новата сезона, Форт Кафе реши да ги собере на едно место луѓето кои ги водат странските гости низ убавиот Охрид, раскажувајќи ги приказните за древниот град. Туристичките локални водичи и агенциите кои тука работат беа гости на еден убав настан кој тука се случи во петокот. Друштво им правеа врвните вина на Сковин, а на гостите им беше презентирана „Охридската празнична трпеза“, која како туристичка понуда Форт Кафе ја нуди во соработка со Наташа Неданоска која стои зад Пирустија, слоу фуд приказната која ја започна во селото Рамне.
– Со оглед на целата приказна, традиција, семејни вредности и обичаи одлучивме да ја раскажеме охридската градска приказна на еден поинаков, потопол, поавтентичен, поуникатен начин, со што на гостите ќе им го претставиме Охрид во едно поинакво светло, Охрид каков што е во суштина. Затоа што Охрид не е само плажа и панаѓур, Охрид е традиција, култура, богатство, дух, љубов… Охрид заслужува да го надмине тој кич кој се продуцира од масовниот туризам и да понуди автентична приказна каква што заслужува. И таа не треба да се измисли, таа ја имаме во наследство од нашите семејства, истакна Оливер Цепенковски, сопственикот на Форт Кафе и пасиониран колекционер низ децениите.
Од некои специфични културни наследства, може да се направи туристички производ кој ќе создава приходи. Тоа е наследство од минатото, со кое може да живееме и денес и кое е добро да го пренесеме на новите генерации. Нашето културно наследство е незаменлив извор на животот и инспирира. И тоа не мора да е заштитетно наследство, зошто поимот на културно наследство е широк и комплексен. Бројни дефиниции со кои се опишува истото, само откриваат ситни детали од кои може да се создаваат производи-понуди, кои може на туристите кои се мотивирани и инспирирани од културата да им се понудат и да бидат дочекани мошне позитивно.
И самиот УНЕСКО во документот Агенда-2030 ja објаснува важноста на различните форми на туризам низ кои се афирмира локалното наследство, кое доколку ја има задржано единственоста и автентичноста, влијае на развој на еден поинаков туризам, со исклучителен комерцијален потенцијал.
Форт кафе во Охрид, лоцирано под Самоиловите тврдини, во сопственост на старото охридско семејство Цепенковски прави обид, врз основа на стари семејни традиции, да понуди интересен туристички производ. Овој локал, кој е повеќе од угостителска точка која вреди да се посети. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Форт кафе