Охрид, 19. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во денешно време, искуствата од праксата покажуваат постоење на висок степен на лични и семејни средински ризици за квалитетно родителство.
Тоа се бројни егзистенцијални прашања (невработеност, самохраност, малолетнички бракови, тешкотии во партнерските односи, лоша комуникација меѓу родителите и децата и сл). Преплавени со проблемите родителите се крајно фрустрирани. Истовремено детето кое има проблем, најчесто не знае да ги изрази чувствата и барањата на начин кој за родителите би бил прифатлив.
Доколку родителите го проценат однесувањето на нивното дете како неприспособено, се обидуваат тоа да го поправат и најчесто прават грешки. Му приговараат на детето, го навредуваат, заплашуваат, а понекогаш и телесно казнуваат. Како последица на тоа кај детето се јавуваат губење на љубов и доверба кон родителите, а кај родителите пак губење на увид и контрола над неговиот живот.
Поради ваквите состојби, а со цел да се превенираат ваквите појави, од 2007 година во повеќе градови низ земјава се отворија едукативни центри за родители. Меѓу првите кои започна со работа беше охридскиот центар, во склоп на советувалиштето за брак и семејство во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
– Целокупната работа се состои од 12 сесии, кои се одржуваат во специјално опремена просторија во Центарот за социјална работа. Програмата за работа детално обработува 4 тематски целини – семејството на детето, партнерските релации, детето и неговото опкружување и родителство, вели Жанета Никовска Стојковска, дипломиран психолог во едукативниот центар за родители.
Кога сме кај посетеноста и користењето на услугите на едукативниот центар, психологот Никовска Стојковска потенцира дека ретки се родителите кои сметаат дека родителството се учи.
– Некои родители сметаат дека ако побараат стручен совет, ќе покажат слабост и ќе си го нарушат самопочитувањето, додека пак други, лажно самоуверени, верувајќи дека знаат се, не сакаат да признаат дека постои проблем, вели Никовска Стојковска.
Таа потенцира дека стекнатите знаења и вештини во овој центар им овозможуваат на родителите на најдобар начин да го насочуваат своето дете во сите развојни фази од животот. На тој начин ќе му дадат поддршка и ќе можат да ги препознаат и правилно да ги искористат ресурсите со кои располага.
Целта на овој центар е зајакнување на капацитетот на родителите за справување со нарушеното поведение на детето и негово враќање во нормалните текови на живеење преку стекнување на родителски вештини кои ќе им го подобрат пристапот до детето и ќе им помогнат успешно да ја остварат родителската функција. Центарот на родителите им нуди одредени знаења и вештини, практични начини на решавање на развојните проблеми на децата и да ги оспособат како да постапуваат во околности кога детето покажува одредени нарушувања во однесувањето.
Никовска Стојковска открива и дел од содржината која се обработува со родителите.
– Тука спаѓаат: воспитување и воспитни стилови, неизбежните конфликти родител – дете, награди и казни и вештини за остварување пристојна родителска комуникација, додава Никовска Стојковска.
Таа потврди дека центарот работи и со малолетници, посебно во насока на развивање на самодоверба, разбирање и справување со лутина и гнев, развивање на интерперсонални комуникациски вештини, промовирање здрави ставови кон сексуалноста како и цела лепеза содржини кои ги засегаат малолетниците во денешно време.
– Неопходно е потребно Центрите за социјална работа да продолжат со развивање превентивни активности во насока на рано препознавање и овозможување третман на малолетните лица кои имаат проблем. Секако треба да се работи и на зајакнување на нивните семејства како важен ресурс за нивен правилен развој, вели Никовска Стојковска. (Крај)
извор:ОхридПрес фото: ОхридПрес