јануари 28, 2020

Скопје, 28. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада на денешната 5-та седница го усвои Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО – Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Во извештајот до УНЕСКО се констатира дека Република Македонија останува цврсто посветена на зачувување на статусот на Светско наследство за Природното и културно наследство во Охридскиот регион, и се истакнуваат заложбите со кои значително се интензивираа активности за спроведување на Одлуката на Комитетот за светско наследство, за исполнување на препораките на Реактивната мониторинг мисија, како и продлабочувањето на билатералната соработка со Република Албанија во насока на заедничко управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

Во текот на извештајниот период е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Земјата исто така изработи инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и Оценка на влијание на културното наследство (ХИА).

Image may contain: 3 people, people sitting and indoor

Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за што се обезбедени преку 4 милиони евра средства од државниот буџет за изведување на работите, и продолжен е проектот за пренасочување на течението на Реката Сатеска.

Од седницата на Владата денес произлезе и заклучокот со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга, и да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење, и да достави за сето тоа информација до Владата до наредната седница. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука