News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 28, 2023

Скопје, 28. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на денешната владина седница, како предлог на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, го усвои предлог законот за рибарство и аквакултура.

Со предлог законот за рибарство и аквакултура, се уредуваат риболовните води и риболовот, управувањето и користењето на рибите и другите водни организми, аквакултурата, заедничкото уредување на пазарот на производите од рибарство и аквакултура, надлежните тела, заштитата на рибите и другите водни организми, надоместок на штета и право на отштета, порибување и производство на порибителен материјал, како и други прашања, кои се од значење во областа на рибарството и аквакултурата.

Новиот предлог закон за рибарство и аквакултура се усогласува со законодавството на Европската Унија, во делот на заедничкото уредување на пазарот на производите од рибарство и аквакултура, следливоста, како и увозот на производите од рибарство.

Како предности од донесувањето на новиот предлог закон за рибарство и аквакултура е поедноставувањето во доделувањето на користење на рибите за комерцијален и рекреативен риболов. Потоа, исто така, се поедноставува постапката на регистрација за аквакултура, на мрестилишта, се врши изземање на одредби, кои се уредени, или ќе се уредат во други закони, како и се врши усогласување на дел од регулативите на Европската Унија за Поглавје 13-Рибарство, што според географската поставеност на државата треба да ги исполни Република Македонија.

Се очекува новиот предлог на закон да даде подобрување на правната рамка преку појасни, попрецизни и поедноставни одредби поврзани со доделувањето на користење на рибите и другите водни организми, одгледувањето на рибите и пласирањето на производи од рибарство и аквакултура на пазар.

Токму преку последниот европски извештај за напредокот во преговорите на нашата држава, поглавјето 13 – Рибарство и аквакултура се оценува со добра оценка, каде е нотиран постигнат напредок во услогласување со стандардите на Унијата, а токму подготовката и донесувањето на овој предлог закон е едно од нотираните напредувања. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука