Скопје/Охрид, 3. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија одвои 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Ова е една од одлуките кои произлегуваат од ребалансот на Буџетот од кој се издвоени и 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин.
Премиерот Заев интензивирањето, реконструкцијата и доградбата на колекторскиот систем го најави уште во јуни оваа година, за што е формирано државното претпријатие „Колектор“ и се обезбедени 200 милиони денари за санација.
Тој додаде дека Владата работи на нејзините обврски и дека во таа насока, по укажувањата на УНЕСКО, се откажани проектите за патна инфраструктура во заштитеното подрачје и средствата за нив се реалоцирани.
– До крајот на годината ќе го донесеме и Планот, кој е обврска согласно со УНЕСКО. Во иднина тој План ќе значи режим во управувањето со Охрид и Охридското Езеро и крајбрежјето, во делот на градби, одобренија за градба, легализација на објекти и во делот на севкупниот раст и развој на Струга и Охрид, а и на општината Дебрца која спаѓа овде, заради почитување на стандардите на УНЕСКО, истакна Заев. (Крај)
извор: Влада фото: архива