Скопје/Охрид, 17. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата на Република Македонија одлучи оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна приближна вредност од 4 милијарди и 27 милиони или 4.026.636.382 денари.
Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните.
Општина Охрид на Јавниот повик аплицираше со 10 инфраструктурни проекти:
– Реконструкција на улица во село Пештани;
– Реконструкција на улица во село Подмоље;
– Реконструкција на улица во село Долно Лекочереј;
– Реконструкција на водоводна линија на улицата „Кленоец“ ЛТХ „Леарница;
– Реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид;
– Реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црквата „Свети Атанасиј“;
– Проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“;
– Реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа за дел од улицата „Кленоец“;
– Реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“;
– Рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.
Според најавите, ќе се работи и на подобрување на условите за живеење во сите урбани и рурални средини во Општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес