News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 21, 2024

Охрид, 21. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нашиот најдобар гитарист Влатко Стефановски, со обработката на култната „While My Guitar Gently Weeps“ го најавува новиот албум „London sessions“, снимен во Студио 3 на легендарното Abbey Road Studio во Лондон.

Некои од најважните и највозбудливите уметници во светот создавале и снимале во ова познато студио. Од Pink Floyd, The Beatles, Fela Kuti, Lady Gaga и Amy Winehouse до Frank Ocean, Brunо Mars, James Blake, Florence + The Machine, Nile Rodgers, Dua Lipa, Liam Gallagher и многу други. На оваа престижна листа се приклучи и нашиот Влатко Стефановски. На новиот албум негови се секако гитарите и вокалните делови, на тапани е еден од најперспективните млади тапанари во регионот, неговиот син Јан Стефановски, а на електричниот контрабас извонредно свиреше Тихомир Хојсак.

Песната „While My Guitar Gently Weeps“ на George Harrison, од легендарниот двоен „бел“ албум на The Beatles, е избрана за прв сингл од претстојниот албум. Магазинот Rolling Stone ја рангираше „While My Guitar Gently Weeps“ на 135-то место на својата листа на „500 најдобри песни на сите времиња“, на седмо место на „100-те најдобри песни за гитара на сите времиња“ и на 10-тото место на својата листа „The Beatles – 100 најдобри песни“. Во изведбата на Влатко Стефановски, песната ја задржа изворната моќ, а неговата виртуозност блесна во фантастичното соло отсвирено во еден здив.

Во годината во која Стефановски слави 50 години од својата кариера, Croatia Records организираше повеќедневно снимање на неговиот нов албум во Студио 3 на легендарното Abbey Road Studio во Лондон. Албумот, кој ќе биде објавен на стриминг сервиси, CD и винил, ќе се вика „Влатко Стефановски трио-London sessions“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука