февруари 2, 2018

Охрид, 2. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Нема крај на противзаконското работење на градоначалникот Јован Стојаноски и неговите соработници кои продолжуваат со хаотичното, неодговорно и лошо раководење со Општина Охрид, обвинуваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Јасно е дека брутално ги прекршија законите именувајќи незаконски членови на Управните и Надзорните одбори на јавните претпријатија како и на Училишните одбори на Основните и Средните училишта во Охрид, сега дури не ги почитуваат одредбите од Статутот на општина Охрид и Законот за локална самоуправа. Во член 39 од Статутот на општина Охрид пишува: „Градоначалникот со решение определува член на Советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство. Решението од став 1 на овој член Градоначалникот го донесува во рок од 30 дена од денот на преземањето на функцијата. Решението од став 1 на овој член се објавува во „Службен гласник на општина Охрид“. Факт е дека Јован Стојановски и по нешто повеќе од 100 дена на функцијата сѐ уште нема назначено свој заменик. Со тоа го девалвира Советот како орган на општина Охрид и претставнички орган на граѓаните, ставајќи ги советниците во подредена позиција, реагираат од партијата.

Го повикуваат Стојаноски да излезе пред јавноста и дека доста се крие од граѓаните.

– Јавно го прашуваме Стојаноски дали заборавил да ја испочитува оваа одредба од Статутот на општина Охрид или пак сѐ уште не може да ги искомпонира желбите на неговите коалициони партнери па не може да се одлучи на кому ќе ја додели оваа значајна позиција? Го повикуваме Градоначалникот Јован Стојаноски веднаш да престане со непродуктивните туристички прошетки низ Србија на товар на граѓаните на Охрид и конечно да почне нешто да работи. Кога веќе ги препиша програмите за работа редно време е да почне и да ги спроведува! Охриѓани многу брзо ги препознаа лагите и манипулациите на СДС и градоначалникот Јован Стојаноски за кои одговорност мора да има и ќе има, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука