август 22, 2019

Охрид, 22. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Жално и болно е во 21 век да зборуваме за непостоење на елементарни услови за живеење кои се клучни за животот и здравјето на луѓето, истакна на денешната прес конференција Лидија Петкоска, советник во Градскиот совет и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Градоначалникот Константин Георгиески и директорот на МЈП „Проаква“ – Р.Е. „Водовод“, Владимир Алексијоски кога ветуваа „Живот за сите“, не помислија ли дека сите граѓани на Охрид имаат подеднакво основно човеково право на вода? Дали почитуван градоначалнику откако завршија изборите издвоивте барем половина час за да ги сослушате жителите од погорните куќи на селото Горно Лакочереј, кои молат за капка вода? Сте се сретнале ли барем еднаш со жителите на Велгошти, Видобишта од Стобекс спрема село Рамне за да Ви кажат дека во летниот период притисокот на водата им е речиси на нула? Очигледно дека партиските состаноци за наводно работно лето се поважни од потребите и жедта на граѓаните. Ве загрижува ли песокот во водата што ја пијат жителите на улица „Мaкедонски просветители“ или матната вода којашто ја имаат во Долно Лакочереј? Нели имате бар трошка грижа на совест заради фактот што овие граѓани веќе и не очекуваат чиста и здрава вода, туку молат за каква-таква вода, за да можат нормално да функционираат? Дали воопшто директорот Алексијоски размислува да го реши проблемот со водоснабдувањето? Колку и да нè убедувате дека Блескаме, бидете сигурни дека без елементарни услови за живот нема да ги задржите младите во Охрид, ниту ќе го развиете туризмот. Крајно време е да ги засукате ракавите и да почнете да го исполнувате ветеното, затоа што доцните повеќе од две години, порачаа од партијата на денешната прес конференција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука