Охрид, 5. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Додека градоначалникот Константин Георгиески дише чист воздух на француските Алпи, граѓаните секојдневно сѐ повеќе и повеќе се гушат, порача на денешната прес конференција
Лидија Петкоска, советник во Градскиот совет и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
– Локалната власт на СДСМ секојдневно депонира градежен шут и ѓубре на локацијата „Мауцкер“, иако тоа е забрането. Зошто покрај забраната и спротивно на законите повторно и повторно се одлага ѓубре на „Мауцкер“? Ова ли се современите стандарди за одлагање отпад? Зошто распишавте тендери и потрошивте милиони, а сликата од „Мауцкер“ го кажува спротивното? За жал вистината е дека останаа само лажните изјави дека наводно е отстрането ѓубрето. Зошто Георгиески не бара одговорност од директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски за што ги потрошија парите за дислокација на отпадот? Градоначалникот Георгиески и локалната власт создаваат проблеми наместо да вложат напори за изнаоѓање на Локација за депонирање на градежен шут и цврст отпад со што би се решил проблемот со дивите депонии во околината. Власта на СДСМ се однесува несериозно кон животната средина создавајќи депонија на „Мауцкер“ и апсолутно не се грижи за зачувување на статусот на УНЕСКО. Локалната власт и градоначалникот Георгиески не можат да се справат ниту со депонијата „Буково“, исто како што не можат ни со дивоградбите. По 12-ти април нема да изостане одговорноста за сите непочитувања и прекршувања на законите, порачаа од партијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива