февруари 10, 2018

Охрид, 10. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот Јован Стојаноски да каже колкав е долгот на општината. Наместо да објасни зошто нема реализирано ниту една капитална инвестиција, Јован Стојаноски продолжува да се занимава со популизам и се фали со препишани проекти од ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од ОК на партијата од Охрид.

– Градоначалникот и неговата администрација испратиле понуди до фирми доверители да се пристапи кон преговори за склучување договори за отпис на камати и исплата на главницата на рати. Овој начин на менаџирање на долгот го промовира и спроведе минатата Локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која успеа да исплати над 14 милиони евра стари долгови, па од таму и каматата на дневна основа е намалена од 17.000 на 10.000 евра. Зошто тогаш опозициската СДСМ и градоначалникот го критикуваа овој начин на менаџирање на долговите, а сега истиот го продолжуваат во практика и го промовираат во медиумите како одлична идеја? Ако не е така, дали тоа ќе значи дека ова е уште еден преземен успешен проект од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ? Јован Стојаноски, за првпат како претставник на СДСМ уште во октомври на дебатата на кандидтатите за градоначалник на Охрид, јасно прецизира дека долгот долгот кој се дефинира во 2013-та на Општина Охрид е 50 милиони евра. Сега и по последното гостување во телевизиската емисија „Под Лупа“ избегнува да одговори на темите за проекти и долгот. Зошто сега јавно не излезе и не го соопшти долгот кога има се` во свои раце, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека како Градоначалник на општината тој е должен да им објасни на граѓаните како менаџира со нивните пари.

– И на крајот на краиштата редно време е да престанете да се кријате од јавноста и да се појавите на средбите со жителите од урбаните заедници без да праќате други во ваше својство знаејќи дека се` уште немате назначено заменик-градоначалник во рок од 30 дена според Законот за локална самоуправа. Ветувавте живот и чиста општина, а од животот ни трага ни глас. Низ целата општина никнаа десетици помали диви депонии, а и постоечките контејнери не се чистат. Секојдневно никнуваат нови депонии по патот до село Рамне, и покрај тоа што Рамне спаѓа во Националниот парк „Галичица“. Ги повикуваме надлежните институции од ЈП „Охридски Комуналец“ веднаш да реагираат, отпадот да се подигне, а од страна на НП „Галичица“ и комуналните инспекции да излезат на терен и да се фатат за работа. Многу ветувања, а никаква реализација. Тоа е начинот на работа на СДСМ и Јован Стојаноски, порачаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука