декември 16, 2019

Охрид, 16. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид со Локалната власт предводена од градоначалникот Константин Георгиески се најде на врвот на најзагадени градови во Македонија, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– За Георгиески чистиот воздух не е клучен за здравјето и за животот на охриѓани и не презема ништо за да се справи со проблемот. На мерната станица „Марко Цепенков“ во текот на вчерашниот ден се измерени најмногу 488 мг на метар кубен ПМ честички во воздухот во Охрид. Охриѓани место воздух дишат отров. Власта и Георгиески воопшто не се подготвени за решавање на проблемите, туку создаваат нови и нови. Депонијата „Буково“ гори, урбанизацијата во централното градско подрачје воопшто не е прекината, градежна механизација насекаде, континуирано се сечат дрва и се уништува зеленилото, хигиената е на најниско ниво, улиците со кал и прашина воопшто неизметени и за жал секојдневно никнуваат нови депонии во градот. Веќе е крајот на годината, а од изградбата на фабрика за отпад нема никаква трага. Многу блиску е и месец февруари, господине Георгиески треба да им одговорите на УНЕСКО што направивте од ветеното со депонијата „Буково“. Георгиески воопшто не обезбедува услови за здрав живот за сите, реагираат од партијата. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука