април 1, 2018

Охрид, 1. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани се жртва на погрешните политики на власта. Ветуваа туристичка атракција, а и тоа што е изградено дозволуваат да се уништи. Владата предводена од СДСМ и Градоначалникот Јован Стојаноски одат по народната „Село гори баба се чешла“, порачаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Охриѓани имаат директни штети и загуби поради неодговорноста на власта, неспособното менаџирање и ненавремената реакција на институциите. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за високото ниво на водата во Охридското Езеро. Поучени од минатите години, предупредивме дека во наредниот период нивото на водата ќе се зголемува и треба да се рагира. И покрај предупредувањата и првиот пат и сега по вторпат поплавите причинија огромна материјална штета кај објектите долж на целото крабрежје. За целото ова време каде е кризниот штаб и зошто не се активни заедно со Центарот за управување со кризи во Охрид? Зарем се чекаше да се случи катастрофата и жртви да бидат охриѓани. Што направиле цело ова време за да придонесат за спречување на овие катастрофи други несакани појави, прашаа од партијата.

Додаваат дека пред сезоната на дождови и топењето на снегот, не е извршено никакво дополнително предпразнење на акумулациите како подготовка за прием на големото количество на вода.

– Зошто раководството на ЕЛЕМ, дозволи сериозен пораст на котите на Охридското Езеро? Надминатате е и критичната точка, 26 см над макдимално дозволената кота. Зошто не е навремено реагирано за водата да се испушта и полни навремено Шпиље? Покрај катастрофалните штети има и негативно влијание на земјоделието во целиот регион поради енормната влажност на почвата. Штетите што ги претрпуваат земјоделците се големи. Одговорност за раководството на ЕЛЕМ мора да има. СДСМ и Владата најмалку што можат да направат е да им се извинат на сите граѓани што се погодени или живеат во страв од поплавите, веднаш да го разрешат директорот на АД ЕЛЕМ за направените пропусти во работењето. ВМРО-ДПМНЕ апелира во иднина Владата на СДСМ и раководството на ЕЛЕМ совесно да ја извршуваат функцијата бидејќи ова е недозволиво. Препорачуваме да ги следат временските прогнози и промени поврзани со водостојот на Охридското Езеро со навремено регулирање за да се избегнат несакани штети, истакнаа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид на денешната прес конференција. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука