Охрид, 3. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат безидејните политики на партиски вработувања и реваншизам на СДСМ. Сведоци сме како на срамен, понижувачки и нечовечки начин се избркани 4 негувателки и 1 воспитувач од градинката „Јасна Ристеска“ без никакви основи. По наставниците и полициските службеници, сега на удар се вработените во градинките, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
– Зарем ова е животот кој го донесе СДСМ? Играње со човечки судбини преку давање отказни честитки најпрво за Нова година сега за 8-ми март. Зарем вака изгледа еден нормален работен ден во кој се соопштуваа дека од наредниот ден не си повеќе на работа? СДСМ кога помпезно го промовираше проектот за втора смена во градинките соопшти дека има недостаток од 2.000 лица во јавните установи за згрижување деца. Зошто при недостаток на кадар се бркаат луѓе со работно искуство? Паѓаат во вода и неодамнешните изјави на министерката Мила Царовска според кои 226 работни места во детските градинки, на кои повеќе години се вработувал кадар на определено време, се трансформираат на неопределено време. Лицемерието на оваа власт е очигледно. Има реална потреба од загриженост кај родителите на дечињата. Дали испразнетите места ќе бидат пополнети со партиски подобни членови без ден искуство и работа во образовни институции, прашуваат од партијата.
Додаваат дека бараат веднаш да им бидат продолжени договорите на негувателките и да им се трансформира работниот однос на неопредлено време.
– Потсетуваме на предизборните ветувања на СДСМ и Јован Стојаноски дека ќе има живот за сите, но, не само што нема живот, туку, луѓето масовно остануваат без работа, без леб и на улица, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива