Охрид, 3. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески образованието во Охрид никогаш нема да достигне нивото кое го заслужува, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
– Позитивната клима во која наставникот ќе биде мотивиран, а ученикот ќе научи повеќе изостана и оваа учебна година откако Локалната самоуправа е предводена од СДСМ. Кога беше градоначалникот Георгиески во Основното училиште „Ванчо Николески“ во Лескоец ако толку се грижеше за учениците тогаш ќе ги пречекаше во ветуваната спортска сала од која нема никаква трага. Со какво лице се појавивте пред учениците кои не го добија ветуваното реконструирано детско игралиште во училишниот двор? Што е реализирано од Програмата за образование во која популистички предизборно ветувавте дека имате издвоено повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра? И оваа учебна година за жал учениците ќе учат во училници во кои има провев, подовите се распаѓаат, прокиснуваат таваните и санитарните јазли се во лоша состојба. Каде имавте изградба на нови училишни згради и спортски сали, замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови и надворешна столарија? Ниту имавте инвестиции во инфраструктурата, ниту пак вложивте во подобрување на училишната опрема и нагледните образовни средства. Ниту Ви се грижа учениците, ниту наставниците единствено важни Ви се личните интереси.
Толку од „инвестицискиот бум“ на СДСМ и Георгиески во образованието, реагираат од партијата. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ОхридПрес