февруари 25, 2015

Охрид, 25. февруари 2015 (ИНПРЕС) – Вчера бевме сведоци на театралното доделување на решенијата на спортските екипи за користење на спортските терени ЈП „Билјанини Извори“, реагираат од ОК на ВМРО-НП.

– Субвенциите кои ќе бидат уплатени на сметка на ЈП „Билјанини Извори“ изнесуваат околу два и пол милиони денари. Доколку Бакрачески не бил запознаен, а сега се фали дека спортските екипи најмногу се субвенционирале, во минатото сумата за користење на спортските терени што ја плаќала Општина Охрид за екипите никогаш не била под четири милиони денари. И не само тоа. На сите спортски екипи им беше обезбеден превоз за гостинските натпреварувања, а добиваа и финансиски средства што сега на пример го немаат. Бакрачески како да заборавил дека во Охрид има и водени спортови и сосема ги исклучил од наводно субвенционирање. Резултат од помагањето на спортските екипи од страна на Бакрачески и локалната власт на ДПМНЕ е згаснувањето на повеќе екипи. На пример, пред неколку денови, боксерскиот клуб ја извести јавноста дека нема повеќе да се натпреварува бидејќи воопшто немаат средства, а сличен таков пример имаше со уште неколку екипи од градот во последниве месеци, стои во дописот од ВМРО-НП.

Тие натаму прашуваат што тоа субвенционира Бакрачески?

– Дали заборави дека повеќе од три месеци во ЈП „Билјанини Извори“ немаше електрична енергија? Со тоа, тој и претпријатието можат да конкурираат во Гинисовата книга на рекорди за тоа како едно јавно претпријатие толку долг временски период било исклучено од напојување со електрична енергија, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-НП од Охрид.

opstinaohridnadvor

Со реакција излегоа и од Општина Охрид.

– Со нејасни и недоречени соопштенија, ВМРО-НП настојува да опстане на политичката сцена критикувајќи го секој проект на актуелната Локална власт, вклучувајќи ги и бројните проекти од областа на спортот. Сите финансиски показатели покажуваат дека во времето кога ВМРО-НП партиципираше на Локална власт, за никој и ништо не било субвенционирано. Обележје на тоа време беше неспроведувањето на ниту една  процедура за субвенционирање на спортски екипи или клубови, а карактеристични беа само огромните  долгови кои тие ги оставија, реагираат од охридската локална самоуправа.

Додаваат дека „макотрпно работеле и го стимулирале развојот на спортот, масовниот и училишниот и дека ги оствариле ветувањата“. (Крај)

извор: ВМРО-НП/Општина Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука