Охрид, 1. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – На скопскиот аеродром одбележано отворањето на две нови дестинации на Виз ер од Меѓународниот Аеродром Скопје-Турку и Ларнака, и поставувањето на 5-от авион на Виз ер во базата во Скопје.
Со традиционална воздухопловна свеченост – воден мост во форма на виножито за првиот авион и колачиња за патниците, на Меѓународниот Аеродром Скопје беше пречекан првиот лет на новата директна авиолинија на Виз ер од Турку, град на југозападниот брег на Финска. Со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 06:00 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Турку во 12:55 часотоваа директна авиолинија ќе сообраќа во текот на целата година, два пати во неделата, односно, секоја среда и недела.
Втората нова дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Ларнака, град на јужниот брег на Кипар и главен град на истоимената област. Оваа редовна авиолинија на Виз ер ќе сообраќа секоја среда и недела, со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 13:50 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Ларнака – 19:05 часот.
Од ТАВ Македонија истакнаа дека се среќни и горди што овие нови авиолинии се додаваат на долгата листа на градови кои се поврзани со директни летови од скопскиот аеродром, како и новите дестинации од охридскиот аеродром – Дортмунд, која почна во јули и Меминген, авиолинија што ќе почне од 2-ри август.
– Новите дестинации на Виз ер од охридскиот аеродром – Дортмунд и Меминген, дополнително ќе го олеснат патувањето нашите патници од охридскиот регион. Генерално, активностите и резултатите на двата аеродрома покажуваат дека ние постојано работиме на зајакнување на нашата мрежа на авиолинии и се радуваме што ги додаваме овие дестинации на нашата листа на авиолинии што постојано се проширува, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Со новововедените дестинации, Турку и Ларнака од Меѓународниот Аеродром Скопје, како и Дортмунд и Меминген од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, Виз ер го додава 5-тиот Ербас А320 авион во базата во Скопје.
Авиокомпанијата почна да работи од Меѓународниот Аеродром Скопје во 2011 година, а додавањето на уште еден авион доаѓа како резултат на побарувачката на патниците за услугите и како резултат на нивното успешно работење во нашата држава.
– Визер постојано ја следи побарувачката на клиентите од Република Македонија за нови авиолинии со ниски цени за билети и одговара на неа со нудење можности за одлично патувачко искуство. Визер продолжува да биде најголемиот придонесувач за развојот на воздухопловството, туризмот и угостителството во Република Македонија. Сега сообраќаме до 38 дестинации во 16 земји од Скопје. Добредојдени се сите патници да ги откриваат нашите нови и постојни европски дестинации додека ги уживаат ниските цени на Визер и одличното искуство во воздухопловите, изјави Паулина Госк, менаџер за корпоративни комуникации во Визер.
Годинава Виз ер почна да лета до 4 нови дестинации од Скопје до: Баден-Баден, Бремен, Ларнака и Турку, и до 4 нови дестинации од Охрид до: Малме, Милано, отворени во март 2019 година, Дортмунд – од почетокот на јули, и Меминген, која почнува од 2-ри август. Меѓународниот Аеродром Скопје моментално опслужува 44 дестинации, на кои сообраќаат 13 авиокомпании, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се опслужуваат 22 дестинации, од кои 10 се редовни авиолинии што сообраќаат преку целата година, на 13 авиокомпании.текот на првата половина од оваа година, преку 1,2 милиона (1.163.667) патници патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова претставува 12% пораст споредено со истиот период во 2018 година. Вкупната бројка на летови на двата македонски аеродрома, за првите шест месеци е 9.792 со 8% годишен пораст. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива